Најбараниот хашки бегалец, воениот лидер на босанските Срби е вистински милионер, пишуваат српските медиуми. На неговата сметка стојат негибнати скоро 2 милиони динари.
Ратко Младиќ на својата банковна сметка има 1.946.000 динари. Тоа се 32 неподигнати пензии, чија исплата е блокирана од 1 јануари 2006 година, јавува белградскиот весник Прес.
Следниот месец Младиќ на својата сметка ќе има над два милиони динари бидејќи неговата генералска пензија моментално изнесува 65. 000 динари. Меѓутоа парите не можат да бидат подигнати, ниту од неговото семејство, се додека не биде уапсен.
Министерот за одбрана
Драган Шутановац потврди дека исплатата на пензијата на Ратко Младиќ е блокирана по одлука што е донесена пред тој да дојде на таа функција.
„Тие пари се блокирани, тоа е точно. Тие се негови пари никој не ги гиба, но, никој не може да ги подигне се додека Младиќ е во бегство”, наведува Шутановац.
На прашањето дали барањето да се зголемат пензиите на воените пензионери се однесува и на Младиќ, Шутановац кажал дека барањето се однесува на сите воени пензионери, па и на Младиќ ,но, потенцирал дека не може да подигне ни динар додека е во бегство.
Инаку, последната пензија на Младиќ е подигната во декември 2005. Дотогаш овластување за подигање на пензиите имаа членовите на неговото семејство. Подоцна се блокирани сите сметки на хашките обвинети, а е донесен и Закон според кој на хашките бегалци им се замрзнува целокупниот имот.
26.08.2008