По неочекуваниот пораз од селекцијата на Естонија, селекторот на младата репрезентација Мирсад Јонуз заедно со Стручниот штаб одлучија од последната квалификациска средба со Норвешка да започнат со создавањето на нова генерација која ќе го понесе товарот во следниот квалификациски циклус.
„Ни преостанува уште натпреварот со Норвешка. Освоивме 8 бода што пред почетокот на квалификациите тешко беше остварливо во група со Холандија, Швајцарија, Норвешка и Естонија.
Според играта што ја прикажавме можевме да освоиме повеќе бодови, но ако се направи анализа можеби овие 8 бода се најреални, поаѓајќи од фактот за квалитетот на нашата лига и од анализата за избор на мал број на играчи (22) кои во своите клубови или не играат или пак имаат минимална минутажа (на последниот натпревар против Естонија неколку играчи дури немаа ни клубови Пандев, Славковски, Ибраими, Димитровски и играчи кои што немаат ни минимална минутажа како Тричковски, Глигоров, Фазли, Петров и др.).
Никогаш досега не сум правел анализи, но од 1996 година па наваму уследија 4 многу неуспешни циклуси. За тие 8 години имаше 4 победи 3 нерешени и 27 порази.
Во текот на овие 5 години под мое раководство минаа многу фудбалери, започувајќи од генерацијата 1981 (Пачовски, Георгиевски, Попов, Пандев, Стојков, Балдовалиев, Грозданоски, Тасевски, Масев, Шиков, Лазаревски, Горан Попов, Тричковски, Тофилоски, Мојсов и други имиња, играат или се кандидати за А Репрезентација).
Оваа генерација 1986/87 која што заминува остава еден добар рејтинг за следните генерации, а и остава голем потенцијал.
Тука се играчи кои што се веќе кандидати за А Репрезентација и играчи кои што во иднина со сите овие порано споменати ќе бидат носители.
Тоа е и основната функција на младата репрезентација, ако се има стратегија и визија. Тоа ние го работевме и ќе го работиме, и затоа решивме јавно да им се заблагодариме на фудбалерите од генерацијата 86/87, да им посакаме многу успех во нивните кариери и ќе ја имаа целосната поддршка од мене, на било кој план.
Во рамките на подготовките за последниот натпревар, имаме поширок список на фудбалери. Знам дека нема да биде лесно. Го имаме истиот предизвик, да создадеме нови личности, нови репрезентативци, голем е ризикот, но немаме друга алтернатива, туку само преку тешки натпревари со доби репрезентации мораме да достигнеме висок квалитет на игра. Но, мораме да бидеме и фудбалски реални дека една репрезентација не се создава за две години.
Немаме многу време, за 10тина дена е прозивката, која што е закажана во Скопје (Хотел Белви на 04.09.2008) и ќе се подготвуваме за натпреварот со Норвешка.
Списокот на фудбалери ќе биде објаве идната недела, а секако сметаме и на странците (Цветанов од Базел, Лазевски, Селмани, Стојков Драган, Ибраими Агим, Мустафи од Базел и Славковски), како и сите фудбалери од нашата лига, генерација 88/89 и помлади", изјави денеска селекторот на младите Мирсад Јонуз, во интервју за официјланта интернет страна на Фудбалската федерација на Македонија.
25.08.2008