Човечки фактор ги предизвикал пожарите во селото Брвеница и во беровското село Умлена. Од полицијата велат дека по целосно расчистување на случаите против две лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Тринаесет тони сточна храна и ситен дрвен инвентар, вчера, изгореле во плевна во беровското село Умлена. Пожарот бил предизвикан од невнимание, со палење на тоалетна хартија, која ја потпалил 80-годишниот Т.Т. од селото во близина на полски клозет, оддалечен 50 метри од плевните. За кратко време пламените јазици се прошириле и ја зафатиле плевната.
Пожарот во овоштарникот на “Вардар Брвеница“ избувнал вчера околу десет часот. Огнената стихија проголтала два до три декари вишни и сува трева. Б.Р. (51) од селото Долно Седларце, фрлил смет до оградата на овоштарникот и го запалил.

25.08.2008