Во организација на Невладината организација КРЕАКТИВ како контакт-точка на програмата на европската комисија “Youth in Action” (Млади во акција) во Македонија, на 9 август ќе се одржи “Youth in Action Day” – голем концерт на домашните музички групи со цел промоција на оваа програма.
“Youth in Action Day” ќе се одржи во Градскиот Парк во Скопје на местото познато како Школка, од 18:00 до 00:00 часот.
Во текот на шесте часа посетителите ќе имаат можност да слушнат дел од авторската музика на македонските рок и метал бендови:
Sound Pollution, Јаболко за Даскалот, Furion, Against Them All, Grimus и White Noise in a White Room, како и настап на DJ Дејан – DJ кој покрај домашните досега остварил многу настапи на странските сцени како во Каракас, островот Аруба (западниот дел на Карибите), Латинска Америка итн.
Заинтересираните посетители за можностите што ги нуди програмата Млади во Акција детално ќе можат да се информираат на посебно поставениот штанд на кој ќе се делат и голем број на промотивни материјали.
Гостин на настанот ќе биде Маија Летхо – претставник на SALTO-YOUTH SEE од Словенија, ресурсен центар за спроведување на програмата во Југоисточна Европа.
Посебно ќе бидат поставени штандови и за невладините организации кои ќе ја промовираат својата работа. Истовремено ќе се прикажуваат фотографии и видео материјали од проекти веќе реализирани во програмата “Млади во Акција”.
Како дел од настанот се планира и настап на жонглери и други содржини од забавен карактер, како рачна изработка на беџови, сликање и слично.
Основна цел на “Youth in Action Day” е промоција на програмата на Европската Комисија “Млади во Акција”, како и промовирање на работата на невладините организации кои работат со млади и веќе се вклучени во програмата.
Програмата Млади во Акција нуди многу можности за неформална едукација на младите од Европа (вклучувајќи ја и Македонија). Настанот е од непрофитен карактер.
“Youth in Action Day” е поддржан од SALTO-YOUTH SEE, град Скопје и Akzent Media.
7.08.2008