Македонските олимпијци кои на претстојните Игри во Пекинг заминуваат со скромни очекувања, за евентуално освојување медал ќе бидат парично наградени.
Наградата за златен медал изнесува 20,000 евра, за сребрен – 15,000 и за бронзен медал 10,000 евра, соопшти денеска Агенцијата за млади и спорт.
За олимписката експедиција, составена од седум спортисти, во АМС беше приреден свечен прием, на кој беше изразено очекување дека достоинствено ќе ја претстават Македонија со храбра, спортска и достоинствена борба на олимписките терени, јавува Макфакс.
На Летните Олимписките игри што на 8 август започнуваат во кинеската престолнина, Македонија ќе ја претставуваат кајакар на диви води Атанас Николовски, стрелецот Сашо Несторов, атлетичарите Ивана Розман и Реџеп Селман, борачот Мурат Рамазанов, како и пливачите Елена Поповска и Михајло Ристевски.
Ова ќе биде петто учество на македонските спортисти на Олимписките игри, од осамостојувањето на државата.