Радован Караџиќ е уапсен благодарение на наградата од 6,6 милиони долари за информација, колку што ветија американската и српска Влада за негово пронаоѓање.
Ова го тврди бившиот шеф на белградската полиција Марко Никовиќ и додава дека наградата за Слободан Милошевиќ, што изнесуваше пет милиони долари, е исплатена во 2001 година, јавуваат хрватските гласила.
„Сигурен сум дека Радован Караџиќ го издал некој од неговото опкружување и за тоа ќе добие милионска награда“, вели Никовиќ, и тврди дека кога Милошевиќ бил испратен во Хаг, тогашниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ ја зел наградата.
Американската Влада вети награда од пет милиони долари за информации за Радован Караџиќ, додека српската Влада понуди дополнителен еден милион евра.
„Овие пари веќе се исплатени, или на Борис Тадиќ или на некого од опкружувањето на Караџиќ. Своевремено, Зоран Ѓинѓиќ наплати пет милиони долари за испорака на Слободан Милошевиќ, за што постојат докази и сведоци“, изјави потпретседателот на српските радикали Милорад Мирчиќ.
Според гласилата, американската Влада ги исплаќа парите на лицето кое ја донело бараната информација, а добитникот може да реши во која држава и во која валута ќе ја преземе наградата.
Освен милионската награда, “доушникот“ има право на влезе во програмата за заштита на сведоци, додаваат медиумите.
Караџиќ лоциран по телефонски разговор
Радован Караџиќ бил откриен по телефонски разговор со еден роднина, кој бил прислушкуван од српската тајна полиција
Ова го вели Светозар Вујачиќ, адвокат на поранешниот лидер на босанските Срби, пишува Дневни аваз
„Тие го лоцирале Караџиќ и почнале да го следат. Тој видел дека го следат“, тврди адвокатот, според кого обвинетиот од Хаг се криел во Белград во последните три години
Вујачиќ додава дека сигурно претходниот директор на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) Раде Булатовиќ имал повеќе информации од сегашниот директор Саша Вукадиновиќ, но оти заедно со бившиот премиер Воислав Коштуница, тој информациите ги „амортизирал и тоа го претставувал како патриотски чин”.
Copyright 2008 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
23.07.2008