Македонскиот претставник во најелитното клубско фудбалско натпреварување, Работнички е елиминиран во премиерното квалификациско коло за Лигата на шампионите.
Романтичарите на реванш мечот против Интер Баку во првото квалификациско коло од ЛШ, на Градскиот стадион во Скопје, повторно одиграа нерешено, и тоа 1:1, а голот постигнат на гостински терен по ремито без голови во Баку беше клучен во следната фаза да се пласира азербејџанскиот шампион.
Резултатот го отвори Велковски во 47-та минута, а конечните 1:1 ги постави Червенка во 77-та минута од мечот.
Работнички во текот на поголемиот дел од натпреварот ја контролираше играта, но на крајот неискуството го стори своето. По една грешка во одбраната на македонскиот шампион, фудбалерите на Интер Баку успеаа да постигнат гол на гостински терен што накрајот се покажа како одлучувачки за пласман во следното коло и двомеч со белградски Партизан.
Во финишот од мечот по еден играч од двата тима заработи црвен картон.
Со оглед на ситуацијата во која се најде Работнички, во пресрет на настапите на евро сцената, тимот воопшто не се посрамоти туку напротив покажа дека ќе биде еден од главните конкуренти за титулата во новата сезона од домашното првенство.
23.07.2008