Зголемување на цената на топлинската енергија за греење на „Топлификација АД Скопје“ за 60,35 отсто одобри денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Oваа одлука влегува во сила по денот на објавување во „Службен весник“, а ќе се применува од 1 август 2008 година до 31 декември 2008 година, за кога е закажана редовната контрола на цените за топлинска енергија.
Доколку во наведениот период продолжи да расте цената на мазутот, можно е по Нова Година да дојде до нова нагорна корекција, велат експертите.
Во новата цена е влезена и сумата, која „Топлификација“ им ја врати на корисниците, по Одлуката на Уставниот суд да го поништи ретроактивното поскапување за првите два месеци од годината.
Цената на киловатчас енергија за периодот 1 август -31 декември 2008 година ќе се пресметува по 4,4556 денари, за периодот 29 февруари -31 јули 2008 изнесуваше 2,7786 денари за киловатчас, а за периодот 1 јануари-29 февруари 2,3635 денари за киловатчас.
Истовремено тарифните потрошувачи приклучени на диструбитивната мрежа на „АД ЕЛЕМ –Подружница Енергетика“ од 1 август ќе плаќаат греење поскапо за 66,24 отсто, додека корисниците на „Топлификација Скопје-Север“, ќе плаќаат поскапо греење за 30,25 отсто.
Бензините поевтинуваат 2,5 денари, дизелот 1,5 денар
Малопродажната цена на бензините поевтинува за 2,5 денари по литар од ноќеска на полноќ, додека цената на литар дизел се намалува за 1,5 денари, а на екстралесното за два денари.
Ваква одлука донесе денеска Регулаторната комисија за енергетика на својата редовна седница посветена на корекција на цената на горивата.
Согласно одлуката, новата цена на МБ-96 изнесува 78,00 ден/лит, на ЕУРОСУПЕР-95 е 75,00 ден/лит, а на ЕУРОСУПЕР-98 е 76,00 ден/лит.
ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е IV) ќе се продава за 75,00 ден/лит, Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ) по цена од 63,50 ден/лит, а на Екстра лесно масло за домаќинство-1 (ЕЛ-1) новата цена изнесува 64,00 ден/лит.
Ова е прво поевтинување на цената на бензините по неколкумесечен континуиран пораст.
Истовремено регулаторите одлучија да поскапи цената на мазутот за 0,614 ден/кг, со што новата цена изнесува 38,896 ден/кг.
Најновата корекција на цените на горивата, регулаторната комисија ја образложува со намалувањето на светската цената на суровата нафта, која во изминатите две недели во просек изнесуваше 136,4 долари а барел, што е за 1,72 отсто помалку од претходниот период.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот 14-то дневен период изнесуваше 38,8656 ден/$ и е за 0,64 % понизок од курсот на доларот (39,1159 ден/$) по кој беа формирани цените.
Copyright 2008 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
21.07.2008