logo
Објавено на Таратур (http://www.taratur.com)

Писмо од премиерот Груевски до Баросо

По испратеното писмо до Караманлис, македонскиот премиер проблемот со Грција го издигна на уште повисоко ниво. Груевски му испрати писмо и на шефот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо. Го пренесуваме во целост. Ваша Екселенцијо, Пренесувајќи Ви ги изразите на високо почитување, Ве молам дозволете ми да Ви се обратам во врска со прашање од исклучително значење за Република Македонија, како мултиетничка демократија и земја, која без резерви и искрено се стреми кон целосна имплементација на меѓународните норми и стандарди за човековите права, вклучително и правата на припадниците на малцинствата, за што доказ е постојаното унапредување на нашиот етаблиран модел на мултиетнички и мултиконфесионален соживот. Имено, прашањето на состојбата на припадниците на македонското етничко малцинство во Грција, кое не е признато од државата, како и проблемот со државјанството и имотите на лицата од македонско етничко потекло родени во Грција, веќе подолго време се на дневен ред на меѓународните владини и невладини организации. Грчките власти на Македонците веќе подолго време го оспоруваат нивниот идентитет што претставува директно кршење на меѓународното право од областа на основните човекови слободи и права. Со децении, Грција води силна асимилаторска политика преку забрана за слободно декларирање на нивниот национален идентитет, проследено со систематски мерки на забрана на употреба на македонскиот јазик и практицирање на културата, промена на топонимите, забрана за организирано дејствување и сурово казнување на македонските активисти, со чии дејствија се повредуваат одредбите на Европската конвенција за човекови права и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, чиј потписник е Грција. Генерално, припадниците на македонското малцинство во Грција се предмет на силна повеќе децениска дискриминаторска политика која води кон исчезнување на македонскиот идентитет во Грција. За потребата од покренување на ова прашање сведочи и ставот на Европската Комисија против расизмот и нетолеранцијата, која во својот трет извештај за Грција, ја анализира состојбата на македонската заедница во таа земја и ги „охрабрува властите во Грција да продолжат со напорите за подобрување на ситуацијата на припадниците на малцинските групи, вклучително и на македонската заедница“. Понатаму, ЕКРИ силно им препорачува на грчките власти да отпочнат дијалог со македонските претставници за да се најде решение за тензиите меѓу оваа група и властите. Вториот, и не помалку важен аспект на ова прашање е третманот на протераните лица за време на Граѓанската војна во Грција од 1946-49 година, како и на нивните потомци, без оглед на тоа дали тие живеат во Република Македонија или во други држави ширум светот. На тие лица им се оневозможува враќање во својата земја, спротивно на членот 13 став 2 од Универзалната декларација за човекови права, членот 1 од Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација и членот 14 од Европската конвенција за човекови права. Тие не можат да ги посетат своите родни места, не можат да добијат грчко државјанство врз основа на местото на раѓање доколку не се декларираат како Грци по род (без оглед што најголемиот дел од нив веќе поседувале грчко државјанство кое подоцна им е одземено), ниту можат да ја повратат сопственоста на своите имоти, со што се прави груб упад во едно од основните човекови права, правото на приватна сопственост. Владата на Република Македонија апелира, во рамките на Вашите надлежности, лично да се заложите за доследно почитување од страна на Грција на обврските кои произлегуваат од меѓународните инструменти за човековите права, со посебен акцент врз слободно изразување на етничкиот идентитет и сите права што произлегуваат од тоа, правото на слободно движење и враќање во својата земја, како и неотуѓивото право на приватна сопственост. Нашите очекувања се Грција, како држава членка на ЕУ и НАТО, (организации втемелени врз демократијата, владеење на правото и универзалното почитување и заштита на човековите права и слободи за сите,) како и договорна страна на основните инструменти за човековите права, да започне дијалог кој ќе доведе до исполнување на препораките на ЕКРИ, што ќе претставува поттик за натамошно унапредување на добрососедските односи меѓу двете држави и ќе има позитивни импликации за состојбите во целиот регион, на неговата стабилизација, просперитет и вклучување во ЕУ и НАТО. Во времето кога принципите на демократијата и основните човекови права и слободи претставуваат услов без кој не се може, градењето на пријателство и иднина врз трагедијата на одредена популација претставува чекор кој отстапува од вредностите во кои заеднички веруваме. Во очекување на Ваша лична заложба и ангажман поврзан со ова прашање, Ве молам, примете ги изразите на високо почитување. Со почит, Никола ГРУЕВСКИ Скопје, 20 јули 2008 година

Податоците доаѓаат од:
http://www.taratur.com/node/4264