Скандал во центарот на Европа! Полицијата од луксузен хотел во Брисел однела 17 жени за кои се верува дека биле робинки на арапско кралско семејство.
Во вторникот вечерта полицијата го претресла најпрестижниот хотел во градот Конрад, во кој обично отседнуваат државни лидери за време на европските самити.
Истрагата ја покренала слугинка која успеала да побегне. Работела со уште други 20, за вдовицата на еден член на кралското семејство од Обединетите Арапски Емирати, која заедно со четирите ќерки го изнајмила целиот четврти кат од хотелот.
Сите 17 робинки, колку што спасила полицијата, доаѓаат од различни земји - Филипини, Мароко, Индија, Египет, Ирак и Сирија, а се верува дека во робовладетелски однос биле осум месеци.
Биле испрашани неколку членови на кралското семејство, но се уште не е покренато никакво обвинение, иако полицијата е уверена дека станува збор за трговија со луѓе.
Имено, слугите на располагање морале да бидат 24 часа на ден, со тоа што по пристигнувањето им биле одземени пасошите. Жените не смееле да го напуштат хотелот, а месечната плата наводно им била околу 80 фунти.
Минатата недела се обиделе да побегнат четири Филипинки, но биле задржани од интерното обезбедување на кралското семејство.
Повеќето белгиски весници настанот го опишале како „ропство во срцето на Брисел“. Амбасадата на Обединетите Арапски Емирати се уште нема коментар на обвиненијата.