Македонскиот шампион во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите ќе ги одмери силите против Интер Баку од Азербејџан. Ако го помине, следува белградски Партизан.
Освојувачот на двојната круна во домашното фудбалско првенство првиот меч го игра на гостински терен на 15 или 16 јули, а реваншот во Скопје на 22 или 23 јули.
Интер Баку е млад клуб, формиран е во 1997 година и за краток период ги достигна височините во својата земја. Тренер на екипата е Украинецот Валентин Ходукин, а во своите редови имаат и тројца српски фудбалери – Никола Јоловиќ, Милан Загорка и Горан Арнаут.
За прв пат изминатата сезона популарно наречените „Банкари“ ја освоија титулата во националниот шампионат на Азербејџан и тоа најмногу благодарение на силната финансиска поддршка.
Работнички по консолидацијата и со нов тим ќе се обиде да го мине азербејџанскиот претставник, а таму во второто квалификациско коло противник ќе му биде белградски Партизан.