Македонија се најде на 50 место во создавање услови за водење на бизнис во листата на магазин „Форбс“, што претставува напредок од 32 места во споредба со лани.
Во класификацијата на американскиот магазин „Форбс“, во која се опфатени 121 држава, Македонија во категоријата монетарна слобода се најде меѓу првите десет земји, заземајќи го високото осмо место.
Најлоша оценка Македонија има во категоријата иновации, каде што се наоѓа на 86 место.
Македонија е високо рангирана и во категоријата ефикасна администрација, каде што по воведувањето на едношалтерскиот систем, го зазема 19 место.
Во категоријата трговска слобода Македонија е на 39 место, во категоријата заштита на инвеститорите е 62-ра, во категоријата лична слобода е 64-та, а во категоријата борба против корупцијата е на 67 место.
Македонија е послабо рангирана во заштита на правото на имот, каде се наоѓа на 79 место и во воведување на нови технологии, каде е на 81 место.
Магазинот „Форбс“ во својата сторија наведува дека Македонија има раст на БДП од 5,1 отсто, додека БДП по жител достигнал 8.100 долари. Притоа се додава дека невработеноста во Македонија изнесува 34,8 отсто, додека нема податоци за надворешно трговскиот дефицит.
Македонија, благодарение на огромниот напредок од 32 места, се најде пред соседна Грција, која е рангирана на 53 место.
Најдобро рангирана балканска држава е Романија на 40 место, пред Турција (41), Хрватска (42), Бугарија (44), Албанија се наоѓа на 77 место, Босна и Херцеговина на 101, додека за Црна Гора и Србија нема податоци.
Според „Форбс“, најдобро рангирана држава за водење бизнис, е Данска, пред Ирска и Финска. Следат Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Шведска, Канада, Сингапур, Хонг Конг, а место меѓу првите десет избори и поранешната комунистичка држава Естонија.
Copyright 2008 makfax [1] Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.