Директорот на светски познатата компанија Apple, Стив Џобс, конечно го претстави долго очекуваниот нов iPhone, кој покрај поддршката за 3G и GPS приемникот, ни нуди и многубројни интересни и корисни апликации.
На конференцијата наменета за програмерите, директорот започна со презентација само на софтверот наменет за телефонот, и по долгото одовлекување, кога веќе сите мислеа дека новиот iPhone нема да биде презентиран, тој триумфално го извади пред посителите кои беа во бројка од над 5000.

За разлика од минатиот пат, шпекулациите се покажаа прилично точни. Новиот iPhone е целосно црн, има пластична странична маска и малку потенки рабови. Во принцип, тоа е истиот уред, малку разубавен, но сепак внатре се кријат неколку занимливи новитети.

Долгоочекуваната 3G поддршка е тука, што значи дека интернетот на новиот телефон ќе биде доволно брз и стабилен, а на изненадување на сите, во iPhone е вградена поддршка за GPS, што сигурно го прави да биде еден од најдобро опремените уреди на пазарот.

Батеријата, според компанијата, ќе биде уште подобра од претходната верзија: 300 часа на чекање, 10 часа разговот во 2G мрежата, пет до шест часа сурфање на интернет, седум часа гледање видео и 24 часа слушање музика. Повеќе и не можевме да очекуваме.

Она што нас ’обичните граѓани’ најмногу не интересира е цената која со оглед на понудата, можеме да кажеме дека и не е скапа. Моделот со 8 GB меморија можеме да го купиме за 199 долари, додека 16-гигабајтниот модел ќе чини 299 долари.