Соединетите Американски Држави имаат намера да инвестираат вкупно 66,5 милиони долари во воените бази во Бугарија, кои заедно ќе ги користат со бугарската држава.
Како што пренесе агенцијата Бгнес, веќе е склучен еден договор за вооружување на една база во вредност од 6,5 милиони долари. Зделката ја добила една германска компанија, која доставила заедничка понуда со бугарска компанија.
За останатите 60 милиони долари распишан е тендер, а договорот треба да биде склучен во септември.
Предвидено е американската војска да користи четири воени бази во Бугарија, а првите војници се очекува да пристигнат кон крајот на идната година.
Број на американски војници кои ќе престојуваат во Бугарија нема да биде поголем од 2.500, а времето на престојување на еден војник е ограничено на шест месеци.
Најавено е дека во текот на летото во воените бази во Бугарија ќе бидат спроведени заеднички бугарско-американски воени вежби. Предвидено е вежбите да траат неколку неделни, а учество ќе земат 900 американски и 100 бугарски војници.
Copyright 2008 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
14.05.2008