Непознат хакер, кој си се нарече „Анонимен кукавица“, ги украде тајните податоци на шест милиони Чилеанци, кои се наоѓаа на серверите на чилеанските министерства за образование, изборните списоци и војската.
Според чилеанските медиуми, веројатно хакерот не предизвикал друга поголема штета, освен што ги украл податоците на милиони Чилеанци. Меѓу украдените податоци, наводно биле и оние на ќерката на чилеанската претседателка
Мишел Башеле, кои некое време биле јавно достапни преку интернет.
Чилеанските власти вчера го потврдија настанот. И покрај нивното минимизирање на сериозноста на овој настан, од кабинетот на Башеле изјавија дека се работи за „сериозно и деликатно прашање“.
Полицискиот началник
Хаиме Хара рече дека властите ја истражуваат кражбата на податоци, кои подоцна се појавиле на интернет, во кои има броеви на лични карти, адреси, телефонски броеви, и-мејл адреси и информации за академското образование.
Хакерот оставил и порака во која напишал дека целта му била да го демонстрира ниското ниво на заштита на податоците во Чиле, „каде што никој не прави ништо за нивна заштита“, пренесе весникот кој го откри настанот.
Податоците биле украдени во петокот наутро, а се уште не е познато кога точно се појавија на интернет. Се чини дека хакерот не ги загрозил граѓаните во поглед на објавување на податоци поврзани со нивните финансии, а објавените податоци биле избришани во саботата, откако случајот бил пријавен во полиција.
Иако податоците релативно брзо биле симнати од интернет, некој би можел да ги има преземено, па поради тоа полицијата истражува дали податоците се наоѓаат и на некој друг сервер.
12.05.2008