Венецуелскиот претседател Хуго Чавез кон крајот на мај ќе ја посети Москва, каде ќе потпише договор со Русија за купување на воена опрема вреден неверојатни два милијарди долари.
„
Чавез ќе ја посети Русија кон крајот на мај, за да потпише нови руско – венецуелски договори за воена и техничка соработка“, пишува весникот Комерсант.
Венецуелскиот лидер и новиот руски претседател
Дмитриј Медведев уште во март, преку телефонски разговор се договорија да остварат меѓусебни посети.
„Комерсант“ посочува дека договорите со Венецуела очигледно ќе бидат првата голема воена зделка, потпишана од новиот руски претседател.
Според Комерсант, Каракас во 2008 ќе купи десет руски авиони Иљушин-76-МД-90, два Иљушин-78МК, десет борбени хеликоптери Ми-28НЕ и четири руски подморници тип 636.
Русија за повеќе од три милијарди долари веќе и продаде на Венецуела 24 ловци Сухои, 53 хеликоптери и 100.000 парчиња калашников.
Чавез ја обвини Колумбија дека сака да ја вовлече Венецуела во војна
Хуго Чавез го обвини својот колега
Алвар Урибе дека се обидува да ја вовлече Венецуела во војна со што би ја оправдал евентуалната американска воена интервенција против неговата земја.
„Владата на Колумбија се подготвува да предизвика војна со Венецуела како би ја оправдала американската интервенција во Венецуела“, изјави вчера Чавез, порачувајќи му на Урибе, кој има поддршка во Вашингтон, добро да размисли што ќе направи.
Колумбија во март нападна еден логор во Еквадор и го уби лидерот на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК), предизвикувајќи дипломатска криза со Еквадор и Венецуела.
Чавез тогаш ја обвини Колумбија за провоцирање на војна и ја нарече „терористичка држава“, а Урибе продолжена рака на САД.
12.05.2008