На 11 мај 2008 година во периодот од 11:00-23:00 часот, Градскиот парк – Школка ќе биде сведок на создавањето на еден прекрасен спој помеѓу младите, хуманоста и музиката.
Под слоганот „One love” (една љубов), традиционалниот „Боб Марли – in memoriam“ добротворен концерт кој се организира секоја година во градскиот парк на оваа дата, ја слави петгодишнината од своето постоење. Овој настан секоја година собира неколку илјади посетители и е најголемиот самит на реге и ска музичарите од Македонија.
На годинешното издание настапуваат DJ Charley, Luka, Irie Pirate, Irenska, Rasta Girl, Slave, Zoki Rastamanski, Branko Kockica, како и бендовите “Lilit vs. Amon Mra”, “Canon”, Conquering Lion”, а кулминација на годинешната прослава е настапот на првиот реге-ска состав од Македонија, „Цилиндер” (Ристо Самарџиев, Пеце и Мите Димовски, Перо Јанев), кои се реоформуваат специјално за оваа прилика за првпат по нивното расформирање во средината на осумдесетите.
И оваа година, манифестацијата е поддржана од Црвениот крст на Република Македонија, и е дел од програмата за одбележување на Неделата на Црвен крст. За настанот воопшто да се случи, голем придонес даде и Дирекцијата за култура и уметност, која го обезбедува озвучувањето и осветлувањето.
9.05.2008