logo
Објавено на Таратур (http://www.taratur.com)

Денот на Европа во Македонија

Денот на Европа, 9. мај, ќе биде одбележан со низа активности во Македонија во организација на Делегацијата на Европската комисија и Секретаријатот за европски прашања во соработка со Европското движење на Македонија. Евроамбасадорот во Македонија, Ерван Фуере посочи дека активностите по повод Денот на Европа оваа година ќе имаат човечка димензија, со цел да го приближат процесот на евроинтеграција до граѓаните. Оваа година Европската Унија ја прогласи за „Година на меѓукултурен дијалог", како една од најтемелните вредности на ЕУ, со мотото „Не се тие и ние, туку јас и ти“. Главната цел на ЕУ е да се зајакне почитувањето на културната разновидност и коегзистирањето на различните културни идентитети и верувања. По повод „Денот на Европа“, денеска во Скопје ќе биде одбележан и „Европскиот ден на претприемачот“, во чии што рамки свое обраќање ќе имаат премиерот Никола Груевски, евроамбасадорот Ерван Фуере и градоначалникот на Град Скопје, Трифун Костовски. Активностите за одбележување на Денот на Европа започнаа на 29. април, со отворањето на Европското катче во библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје На 9. мај 1950 година е направен првиот чекор за создавање на денешната Европска унија, кога францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во Париз ја прочита декларацијата со која ги повика Франција, Германија и останатите европски земји да ги здружат своите производства на јаглен и челик како „прва конкретна основа за создавање на европска федерација“.
Copyright 2008 makfax [1] Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.

Податоците доаѓаат од:
http://www.taratur.com/node/3304