Еден пензиониран полковник на турската морнарица на аеродромот во Адана предизвика голема паника во авионот на компанијата “Сан Експрес” за време на подготовките за полетување за Измир, кога ја прашал стјуардесата “каде да ја стави бомбата?”.
Настанот се случил во моментот кога авионот се приближувал кон пистата за полетување, кога 65 – годишниот пензиониран полковник Мете Кјоксал ненадејно станал со намера пластичното шише што го држел во рацете да го остави во багажникот над седиштето.
Стјуардесата го предупредила дека течните материи не смеат да се ставаат во багажник, на што овој одговорил: “Каде да ја ставам бомбата?!”.
Меѓу патниците настанала голема паника, а пилотот на авионот кој во меѓувреме бил известен што се случува , веднаш ја прекинал операцијата на полетување.
Сите патници и багажот морале повторно да поминат низ контрола, но не било најдена никаква бомба.
Пензионираниот полковник бил приведен во полициската станица на аеродромот, каде по давањето изјава “дека само се шегувал и дека не мислел дека тоа сериозно ќе биде сфатено” е ослободен, а останатите патници, без него, по 40 – минутно задоцнување го продолжиле патувањето за Измир.