Во петокот, во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се одржа промоција на 14 книги од македонски блогери во издание на издавачката куќа „Аквариус пет“.
Промоцијата на едицијата „Блог записи“ ја отвори директорот на библиотеката
Филип Петровски, а како промотери на настанот се појавија
Сашо Мацановски-Трендо, уредник на Блогерај и
Дарко Булдиоски од Центарот за нови медиуми.
Можеби како единствен недостаток на целата промоција беше тоа што блогерите-автори не се појавија пред публиката да си кажат збор-два за своето дело, туку актерката
Јелена Мијатовиќ која очигледно слабо го познава македонскиот правоговор, читаше цитати од нивните дела.

Сепак, тоа беше интересен и револуционерен настан кој го крева превезот од феноменот наречен блог пред пошироката македонска јавност, а на најголемите скептици им докажува дека блогерите во Македонија поседуваат огромен квалитет кој вреди и мора да биде прочитан.
Како аргумент плус, фактот дека промоцијата беше одлично посетена, а холот на библиотеката преполн од луѓе од секакви возрасти.
Од издавачката куќа „Аквариус пет“ која ги издаде 14-те книги рекоа дека ова нема да биде нивна последна блог едиција. Сите 14 книги се во Б6 формат и можеа да се купат по промотивна цена од 100 денари.
30.03.2008