
Токму во јануари 2006 го почнавме нашето дружење со вас. Проектот кој почна спонтано, по иницијатива на двајца тогашни студенти, прерасна во еден од најпопуларните македонски забавни портали, а несомнено и во една од најпосетуваните веб страни на македонски јазик воопшто.
Започнавме сосема наивно, без посериозни цели – освен заедно да се забавуваме. Од визуелен аспект првиот Таратур не беше најидеален, но тоа тогаш и не беше толку битно. Важно беше да се има смешни клипчиња, интересни вести, вицови, зафрканции.... А, верувам дека ние ги имавме.
Потоа, со тек на време приликите налагаа уште поредовно да внесуваме новитети, со цел да бидеме поблиски до вас.
Еден од првите херои ексклузивно на Таратур (2006г.)
Така, први во Македонија ставивме видео во флеш плеер кое може директно да се гледа (претходно шемата беше даунлоад на wmv клипчиња :), потоа први се решивме да избегаме од класичната ’змија’ шема (една главна вест горе и по две на секој ред), први почнавме да пласираме спортски информации, видеа од фудбалски натпревари....
Внесовме и десетици други новитети, некои од нив преживеаја, некои ги лапна матната, а желбата ни беше да станеме првиот избор за да го испиете вашето утринско кафе, да ја одбегнете пладневната дремка или расположени да заспиете навечер.
Правевме и грешки, се учевме, но сепак, по 4 години може да се каже дека веќе Таратур е респектабилен медиум во секоја смисла на зборот, редовно цитиран како од нашите, така и од медиумите од соседството.
Нашата игра, со која сакавме на ироничен начин да им покажеме на оние што ја навредуваат нашата нација, што мислиме за нив, крена огромна прашина во Грција и во Бугарија.
Ги ловевме грешките на другите, се шегувавме со оние кои се уште не сфаќаат дека Интернет не е исто со нивното биро, а први го откривме и скандалот со палењето на македонското знаме, како и бројни грчки и бугарски пропаганди во Македонија.Политички нашата определба останува непроменета. Таратур е комплетно независен и департизиран портал, кого засега не го интересираат секојдневните тарашмаалски обвинувања на портпаролите на СДС и ВМРО и кој не работи за ниедна туѓа кауза освен македонската. За продавачите на името и нивните медиумски пајташи нема да трошиме убави зборови колку да бидеме покултурни. Не. Наци-фашизам си е нацифашизам, без разлика од каде доаѓа и колку платиле тие оттаму...
Целта не ни е да станеме дел од сивилото на македонскиот медиумски простор и да труеме со теми кои како продукт оставаат само нервоза, омраза и поделби.
Имено, мислам дека токму забавните портали делуваат позитивно во македонското општество. Навистина, на човек ќе му збоктиса секој ден да слуша колку мртви кај имало, кој штрајкувал и зошто, кој кого ограбил, кој колку малолетни деца силувал и дека утре ќе исчезнеме ако не го смениме името.
Затоа сметам дека ќе бидеме уште повлијателни во Македонија (како што е тоа случај секаде во светот) и дека токму забавата ќе им удри шлаканица на дефетистите кои шират зараза дека смртта е единствениот избор.
Овој проект во иднина ќе се надополнува, ќе внесуваме уште многу новитети, ќе се менуваме. Таратур нема да застане в место. Интернет медиумите мора да напредуваат во секоја смисла на зборот.
Како што добро знаете, Таратур секогаш е спремен за соработка со секој поединец или субјект. Ако имате каква било идеја, за која сметате дека можеме заеднички да ја реализираме, не се двоумете да ни пишете или да ни се јавите. Можеби од тоа ќе излезе некој нов, поголем и поубав проект, знам дека можеме да создадеме вредности. Бидејќи сакаме...
Костадин Стојаноски, главен уредник
25.01.2010



























