
Ситуација 1.
Замислете во цело Скопје, или во вашиот град да има само две продавници за прехрана. Само две и ништо повеќе. Најлесно е да се претпостави дека цените на артиклите внатре ќе бидат драстично повисоки од оние што се сега, дека квалитетот на услугата ќе биде екстремно поочајна и дека доколку двете продавници најдат заеднички интерес, секое нивно договарање ќе биде на грбот на граѓаните.
Продавниците ќе немаат интерес да ги намалуваат цените или да стават помали трговски маржи на артиклите бидејќи ќе немаат конкуренција, а истото важи и за квалитетот на услугата, или пак да речеме за работното време. Едноставно, десетици или стотици илјади луѓе ќе бидат приморани и да чекаат на ред или пак да бидат омаловажувани, бидејќи немаат избор од каде да купат.
Е сега, откако веќе е јасно што значи Скопје да има две продавници, ајде да видиме колку кабелски оператори има. Според сегашната поставеност, кабелските оператори се распределени реонски и граѓаните имаат избор од еден или најмногу два кабловски оператори.
Затоа сега каналите што се нудат се преполни со:
- чкљ телевизии кои никој жив не ги гледа,
- њус телевизии од Италија, Франција, Германија без превод
- шунд телевизии од источниот и северниот сосед во кои единствен критериум се силиконски цицки
И единствено квалитетно по некој документарен, спортски и филмски канал. И тоа е се!
Цените се приказна сама за себе, а кабловските оператори воопшто не размислуваат за збогатување на содржините или за намалување на цената, туку напротив.
После кастрацијата од Советот за радиодифузија кога со уредба им беше наложено на кабелските да ги исклучат квалитетните хрватски и босански телевизии, тие беа заменети со драстично побоси ТВ канали, со што изгубија сите, освен македонските телевизии, на кои многу полесно им е да купат некоја српска ’фарма’ или ’голем брат’, или пак да не примораат да следиме спортски коментатори кои абер немаат од коментирање и тупат со реклами за време на пренос во формати од пред 5 години, отколку да преземат нешто со себе и да го зголемат својот квалитет, а со тоа да станат поконкурентни.
Либерализацијата на пазарот ќе донесе кабелски кои ќе се натпреваруваат меѓу себе, кои ќе донесат квалитетни ТВ канали, кои ќе понудат попристапни цени. Регулаторните тела треба да имаат што помалку работа, а пазарот сам да го крене квалитетот. Зошто македонските телевизии да не станат конкурентни и на пазарите во соседството?
П.С. Слична е и ситуацијата со мобилните оператори, односно додека не беше распишан тендерот за трет мобилен оператор, цените и услугите беа на далеку поочајно ниво од ова што е денес. Замислете што ќе се случи, доколку целосно се либерализира пазарот?

Ситуација 2
Замислете во вашето маало да има некој локален шериф кој ве приморува да му купувате од неговата продавница иако таа е далеку поскапа од онаа во соседното маало, а и услугата е далеку полоша.
Локалниот шериф многу убаво си ја има наредено работата, за вие поштено да бидете приморани да му купувате само нему.
Тој на секој производ што ќе го купите од соседната продавница, ако сакате да го однесете дома, ви става данок, царина, акциза и уште десетина други такси и плус ве ограничува кои производи да ги купувате, а кои не.
Значи, не можете се` да си купите од соседната продавница, а и тие што ќе ги купите за да ги однесете дома, на шерифот треба да му платите толку многу, што мошне ретко ви се исплаќа да купувате во соседната продавница.
Е, нешто слично се случува со автомобилскиот пазар во Македонија. Во сите земји од Европа и од регионот, возило кое чини од 500-1000 евра, во Македонија чини најмалку 4.000 евра. Тоа е поради рестриктивните законски одредби кои важат кај нас. И тоа не е се!
Во Македонија постои закон според кој не можете да регистрирате возило постаро од 10 години, освен олдтајмерите за кои има посебна одредба (треба да докажете дека има музејска вредност и да биде постаро од 35 години).

Ауди А6, во Словенија се продава за само 2.000 евра. Но, не можете да го регистрирате во Македонија, бидејќи е произведено во 1998 година, односно е 11 години старо.
Но, токму заради ова е екстра развиен црниот бизнис, заради тоа се земаат бугарски пасоши и на крај, токму заради тоа македонските граѓани се приморани да возат понеквалитетни коли за многу повеќе пари.
На пример, ако некој има 2.000 евра да купи половно возило кое ќе му служи понатаму во бизнисот – моментално може да купи само Југо, 101, Голф 1, или некое возило кое било актуелно пред повеќе од 25 години.
Истиот тој во Словенија, Германија или во Бугарија со тие пари може да купи пристоен автомобил од 90-те години, кој сигурно ќе му брка повеќе работа во секоја смисла од југото кое треба на секои три месеци да го носи на поправка.
Покрај тоа и еколошки гледано, Аудито А6 сигурно помалку ја загадува околината отколку стариот Голф 1 од пред 30 години. А, верувале или не, чинат исто.
Либерализацијата на пазарот и ослободување од рестриктивните законски одредби ќе доведе македонските граѓани многу полесно да дојдат до свое возило кое понатаму можат да го искористат и за разни полезни цели, а тоа индиректно ќе придонесе кон подигање на стандардот.
4.10.2009



























